Во Договорот за пријателство со Бугарија стои и поддршка од бугарската страна на нашиот европски пат. Тешко е да ги помирите зборовите поддршка со зборот блокада или вето. Ефектот од целиот овој контекст не е добар за никој. Не е добар за ЕУ, која што губи во еден регион што е во рамките на Европа, губиме ние, губат комшиите, губи целиот регион, рече вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во Дневникот на Сител ТВ за недобивањето датум за почеток на преговори.
-Од македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш нема да се откажеме. Тоа треба да го знаат и комшиите, не може, не е европски, ова е нашата форма на самоопределување. Европскиот договор за патот напред мора да го вклучува правото на самоопределување, рече Димитров.
Тој потенцираше дека Преспанскиот договор бил потпишан бидејќи Грција го прифатила правото на самоопределување и додаде дека тоа никој нема да го чепне, ниту денес, ниту утре, колку и да е тешка ситуацијата.
-Европа го гледа проблемот со неразбирање. Европа е полна со различни историски наративи, не сме ние уникат. Европскиот начин е да научите како да живеете со тие разлики, како да имате стратешка соработка и покрај различните погледи и како да најдете механизми, стручните луѓе со академски титули да разговараат за тие прашања рече Димитров.
Вицепремиерот кажа дека граѓаните сакаат земајва да стане членка на ЕУ за да биде функционална, просперитетна, европска демократија со независни судии, слободни медиуми, добри плати, добар здравствен систем и организирана животна средина.
-Пристапниот процес е алаката како да дојдеме до таа точка. Но ние до таа точка мора да се движиме без разлика на пристапниот процес. Поинтензивна соработка со САД во овој контекст, како да одиме напред кон таа визија има апсолутна логика. Има логика и билатерално со земји-членки на ЕУ да имаме партнерства што се во области во кои имаме заеднички интерес, рече Димитров.