Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска имаше свое обраќање на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија – Европска Унија во Стразбур.
-Нашиот нов политички контекст се совпаѓа со обновениот интерес на ЕУ за регионот. Ние имаме шанса која мора да ја искористиме. Посветени сме на изградба на стабилно и просперитетно европско општество во кое медиумите ќе бидат слободни, ќе владее правото и ќе има функционален систем на спреги и кочници. Целта на реформите е да овозможат суштинска трансформација, рече Димитров.
Тој ги информира пратениците за иницијативите и активностите за унапредување на односите и соработката со соседните земји во насока на градење клима на заемна доверба, како и за напорите на Република Македонија за решавање на разликата што Грција го има со нашето уставно име.