Димитров: Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја прокоментира оставката што ја даде вчера неговиот грчки колега, Никос Коѕијас. Тој му посакува на Коѕијас успех во иднина и вели дека со преговорите и склучувањето на Договорот успеале да направат нешто што било невозможно речиси три децении.

„Предводени од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Коѕијас имавме интензивни месеци на комуникација, станавме вистински пријатели и во период од една година успеавме да направиме нешто кое во претходните 27 години се сметаше за невозможно –  ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина. Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина“, порача Димитров.

Поврзани новости