Сиљановска по професија е правник и многу добро знае што може да направи шефот на државата. Во нејзиниот случај, се разбира – таа не може да нареди промена на уставот, но, како шеф на државата, авторитетен правник и една од најпочитуваните политички фигури во земјата, таа може да ги повика пратениците да го направат тоа што се очекува од нив – не само од Бугарија, туку и од ЕУ. И тоа е дури и нејзина должност, ако искрено се залага нејзината земја да се приклучи на организацијата кон која тие се стремат“ изјави бугарскиот историчар Ангел Димитров, кој е копретседавач на бугарската страна во Комисијата за историски прашања меѓу двете држави.
Тој во емисија на бугарската Нова ТВ, ја коментираше изјавата на македонската претседателка, дека не е апсолутен монарх за да ја супституира парламентарната демократија, во однос на промената на Уставот со цел да се вметнат Бугарите.
„Навистина звучи крајно несериозно кога политичари со неособено богато политичко искуство – тие се всушност дебитанти како носители на извршната власт во РСМ, зборувам за самиот Христијан Мицкоски и тимот околу него – ќе си замислат дека можат да наметнат свои правила не само за соседите во разговорите, туку и за Европската Унија. Значи, ова е политика на пропаст. Лошата работа е што тие не го сфаќаат тоа“ вели Димитров.
Тој го коментираше и таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Република Македонија.
„Ова не е само европски став. Тоа е, во одредена смисла, став на самата држава Република Северна Македонија, како што беше усвоен во парламентот. Односно, постои политичко однесување на новата влада. Тоа ги доведува во прашање не само билатералните односи и сите договори, потпишани меѓу нашите две земји, туку и она што ја очекува ЕУ, кон која тие се стремат“ додава бугарскиот историчар.