Иселувањето не можеме да го спречиме доколку Македонија не ја направиме европска, им порача шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на младите од Делчево.
На средбата што ја организираше Советот на млади при општина Делчево, министерот Димитров ги образложи перспективите што ќе ги добие државата со евроатлатските интеграции и истакна дека младите како генерација треба да го направат исчекорот за генерациите кои доаѓаат да имаат пристоен старт во иднина.
– Во Делчево отскокнува иселувањето и тоа е предизвик со која се соочува целата нација. Тоа не можеме да го спречиме доколку Македонија не ја направиме европска. Не можеме да се натпреваруваме со македонскиот пасош со држави членки на ЕУ, ако ние не сме членка, ако нашиот македонски пасош не дава исти права за нашите граѓани како пасошите на европските држави. Имаме историска шанса, истакна Димитров.
На средбата се обрати и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој им порача на младите да бидат активни чинители во општеството и непоколебливо и гордо в недела да гласаат ЗА иднината на Македонија и за европско Делчево.