Задоволство од нагорниот тренд со кој се развиваат односите и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, согласно начелата на Договорот од Преспа и интензивната билатерална комуникација меѓу двете земји било изразено на денешната средба на шефот на дипломатијата Никола Димитров со заменик-министерот за надворешни работи на Грција, задолжен за грчката дијаспора, Теренс Николаос Куик, кој се наоѓа во дводневна посета на земјава.
Како што соопшти МНР, на средбата заеднички било констатирано дека историската посета на грчкиот претседател на Владата, Алексис Ципрас и потпишаните договори, означуваат значаен исчекор во конкретизирање на соработката, особено таа на економски план и прекуграничното поврзување.
– Министерот Димитров ја пренесе благодарноста за поддршката од Грција за интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и ЕУ, истакнувајќи дека со заедничка доверба и воља, може да се решат сите прашања кои ги засегаат двете држави, стои во соопштението.
Во рамките на посетата, заменик-министерот Куик бил примен и од претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми и од заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, наведуваат од МНР.