Партиите мора да бидат натерани да бидат подобри. Надеж гледам во граѓанството кое што мора да биде гласно, мора да стане сила за да нема вака бришан простор за еднопартиско самоволие во државата, порачува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за надворешни работи Никола Димитров, кој вечерва ја промовираше невладината организација „Солуција“, преку конференција на тема „Излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот“.
Во изјавата што по настанот ја сподели тимот на „Солуција“, Димитров меѓу другото вели дека „сите заедно не здружува сонот за здрава, функционална и средена држава, како и дека е голема дилема дали некогаш нашата Македонија била во полоша ситуација“.
„Мислам дека ни треба една дебела јасна линија каде завршува државата, каде почнува партијата. Мислам дека ни треба нов општествен договор за да школството, здравството и администрацијата не зависат од тоа кој ќе победи на избори“, истакна Димитров.