Димитров ја промовираше граѓанската иницијатива „Замисли“: На следната генерација да и оставиме попристоен старт!

by Фокус

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров синоќа во Скопје ја промовираше граѓанската, непартиска иницијатива „Замисли“, каде се собрани непартиски луѓе чија цел е, како што велат, да ги подобрат состојбите во државата, без учество на избори.

-Денеска е незамисливо да закажете преглед кај специјалист. Незамислива е борбата против корупцијата, зашто преку ноќ се менува Кривичниот законик, паѓаат крупни случаи на корупција. Денеска е незамисливо дете да запишеш во градинка без врски. Незамисливо е да дишеме чист воздух – рече Димитров на промоцијата, на која беше и српскиот водител Зоран Кесиќ.

Димитров зборуваше за состојбите во Србија, посочувајќи дека со мал спонтан протест од само 100 родители може да се исправи една многу важна неправда кон педијатар, на пример во еден Дом на здравје.

-Како може во Европа, на пример во Шведска да успева? Еве тука е шведската амбасадорка. Нашата мака е во системот! Има примери дека со граѓанско движење се поправило нешто. Не мора да е тоа преку избори. Сигурно во Србија има такви примери – кажа Димитров.

Тој се противи на пристапот дека „ништо не можеме да смениме, не зависи од нас“.

-Ѝ го должиме тоа на следната генерација. Должни сме да им оставиме еден попристоен старт. Зашто дел од луѓето кои ќе треба да ја носат промената, нема да бидат веќе дома – рече Димитров.

Поврзани новости