Одговорот на претседателот на државата Ѓорге Иванов дека нема да гласа на референдумот не не изненадува. Да се каже дека не се гласа е срамно бегство од одговорноста и тоа не се кажува во Македонија, туку преку океанот, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес-конференција во Владата, коментирајќи ја изјавата на Иванов дадена во Детроит.
Тој потсети, како што посочи, на одговорот на Иванов на соголените индиции за сериозна корупција, криминал и злоупотреба на службена положба во 2015 година бил аболиција, односно неказнивост. Исто така, посочи и на ситуацијата по изборите во 2016 година со одолговлекувањето на доделувањето на мандатот на партијата, односно коалицијата која има обезбедено мнозинство во Парламентот како резултат на што следуваа и настаните од 27 април во Собранието, најцрниот ден за нашата демократија од 1991 година.
– Често се повикува дека е тука за да го брани Уставот, меѓутоа Уставот не може да се брани со кршење. Ние не сме претседателски систем, ние сме парламентарна демократија. Претседателот нема резулутивно вето. Законот за договорот со Грција кога беше изгласан по вторпат во Парламентот според Уставот претседателот е должен да го потпише. Ние сме демократска држава, а граѓаните си бираат кој ќе им служи со гласање. Најдемократско средство во секоја демократија е референдумот. Да се каже за ова прашање заради кое изгубивме многу генерации, 27 години нерешен спор, да се каже после најава во кампања дека ќе има референдум кога и да има заемно прифатливо решение со Грција на маса дека ќе ги прашаме граѓаните, да се каже дека не се гласа, е срамно на бегство од одговорност. И тоа не се кажува овде туку преку океанот, рече Димитров.
Посочи дека како граѓанин чувствува голем проблем со тоа бидејќи, како што наведе, само тие што ќе гласаат учествуваат во одлуката за нашата иднина.
– Не може да седите дома, а да влијаете на одлуката. Ако има еден глас повеќе „не“, против членството во ЕУ и НАТО ние ќе се поклониме и ќе кажеме оваа работа не поминува. Меѓутоа само тие што гласаат може да влијаат врз таа одлука. Ако големо мнозинство од граѓаните кажат „да“ дури и да нема цензус тоа ќе биде земено предвид, меѓутоа ситуацијата ќе се врати во Собранието на РМ. Затоа да не се учествува со свој глас во ваква крупна одлука е бегство од одговорност, рече Димитров.
Тој посочи дека сите сакаме да влеземе во ЕУ и НАТО без да го решиме името, но не може да се каже јас сум за ЕУ и НАТО, а без да се каже како.
– Таа (претседател на држава) е прва најодговорна позиција во нашата држава по протокол и по Устав. Должност е да се покаже патот. Одговорноста од немање визија е огромна. Ако утре во Атина има влада што ќе има проблем со македонскиот јазик со јасните одредници – идентитетски дека сме македонски народ што зборува македонски јазик, кој ќе ја преземе таа одговорност за оваа сега пропуштена шанса, праша Димитров.