Министрите за надворешни работи на Словенија и на Македонија, Миро Церар и Никола Димитров заедно со словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец денеска свечено ги отворија новите простории на Амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Шефот на македонската дипломатија во своето пригодно обраќање истакна дека Македонија од Словенија има доста да научи, бидејќи има успешен модел кон кој се стремиме, а сакаме и да бидеме во НАТО и во ЕУ и да имаме успешна европска демократија.
-Тоа нема да биде лесно, но ќе го направиме.Одлучивме да успееме како земја. Патот не е лесен, но секое патување е полесно кога пријателите се со нас. Ова е специјална прилика и ова се поголеми простории на Амбасадата. Ќе се обидеме и нашето пријателство да го направиме поголемо ако тоа е возможно, рече Димитров.
Словенечкиот министер Церар пак истакна, задоволство е да се слушне дека Словенија служи како пример за Македонија во различни области, но нагласи дека македонската Влада со своите активности во последната година и неколку месеци и со сите аспекти што ги прави за да обезбеди сегашните и идните генерации да имаат подобар живот и станат дел од ЕУ исто така станува пример за други земји.