Димитров: И покрај апелите, 1331 граѓани ја напуштиле државата од вчера напладне

by Fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров се обрати на својот фејсбук профил, каде што истакна дека и покрај апелите упатени до граѓаните да не патуваат, тие не се почитуваат.

„Синоќа апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1331. Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот. Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа. Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, со откажан бординг бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска – истакна Димитров.

Тој повторно упати апел до граѓаните да не патуваат.

„Секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација. Драги граѓани, повторувам: Не патувајте – додаде Димитров.

Поврзани новости