На иницијатива на шефот на дипломатијата Никола Димитров, министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан денеска испратија писмо до Комесарот за трговија Хоган, Комесарот за соседство и проширување Вархеји и до Високиот претставник на ЕУ и потпретседател на ЕК Борел со барање за изземање на земјите од Западен Балкан од Регулативата на ЕУ со која одредени медицински продукти за лична заштита беа ставени под режим на извозни рестрикции односно специјални извозни дозволи, соопшти Министерството за надворешни работи.
-Корона вирусот се прошири во сите делови на европскот континент и за да се победи оваа заедничка закана потребна е солидарност и заемна соработка. Со оглед на тоа што секаде први на фронтот со се здравствените работници, сите заедно мора да осигураме дека тие ќе ја имаат во секое време и во доволни количини медицинската опрема за лична заштита. Затоа ние, партнерите од регионот се обединивме и итно и предлагаме на Европската комисија, во предлогот за ревизија на регулативата која е во тек, да предвиди изземање од потребата за специјални извозни дозволи за нашиот регион, велат од МНР.
Регионот на Западен Балкан е дел од Европа, опкружен со земји членки на ЕУ. Изземањето ќе испрати силен сигнал дека сите ние како Европејци работиме заедно за да успешно се соочиме и да го надминеме овој огромен предизвик, пишува во соопштението.