Димитров и Катругалос еден час разговараа за збогатување на соработката

by fokus

Министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Грција Никола Димитров и Јоргос Катругалос остварија средба на маргините на економскиот форум што се одржува во Делфи, Грција и разговараа за збогатување на натамошната секторска и друга соработка, предвидена од Договорот од Преспа, соопштуваат од МНР, а според, грчката новинска агенција АНА-МПА, билатералната средба во траење од над еден час поминала во добра клима, јави дописничката на МИА од Атина.

Димитров и Катругалос, разговараа и синоќа, заедно со романскиот министер делегиран за европски прашања, Џорџе Чиамба, и заменикот МНР на Грција, Теренс Куик, на работната вечера на која беа разгледани прашања поврзани со европската перспектива на Република Северна Македонија и регионот, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.

Димитров говореше за иднината, но и за она што е направено, за како што рече, „она што го постигнавме и зошто го избравме најтешкиот пат, бидејќи полесниот пат беше да не се допира ништо“.

Осврнувајќи се на предизвиците при постигнувањето на Договорот од Преспа, Министерот Димитров истакна дека постои реална перспектива „сите заедно во регионот да ја постигнеме визијата што со помош на Грција беше поставена пред многу години во Солун, 2003 година и реафирмирана лани во Софија, на друг самит на ЕУ-Западен Балкан“.

– Ако се фокусираме на нештата што значат, ќе го овозможиме ова. Благодарен сум на премиерот Ципрас кој не мораше да го направи ова. И се присетувам на една позната изјава на друг славен државник, Винстон Черчил, кој изјави – цената на величественоста е одговорноста. И мислам дека начинот на кој постапувате со соседите, особено со оние што не се големи колку вас кажува колку е голема вашата нација. И мислам дека она што го направивте ја направи Грција поголема земја, рече Димитров.

Поврзани новости