Министерот за надворешни работи Никола Димитров ги оствари првите директни контакти со највисоките претставници на новата грчка влада, откако учествуваше на конференцијата на „Економист“ во Атина заедно со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис и министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, кои, како што пренесе МИА, акцентот го ставија на имплементацијата на Преспанскиот договор. Според Димитров, потребно ќе биде да се работи на градење доверба меѓу двете страни.
-Од ова што сега произлегува, фокусот е на имплементација, што е добро, бидејќи тоа е во интерес и на двете држави. Од трите елементи, едниот е дека договорот е дел од меѓународно право, двете држави имаат интерес да се почитува меѓународното право, меѓународното поздравување и фалење на договорот исто така прави извесна вредност, голем кредит стекнаа двете држави и Грција како земја што допринесува кон решение и може да биде лидер за регионот и пошироко. Мислам дека во смисла на влог и инвестиција во зближување и градење на односи на пријателство и доверба, на тоа ќе треба да се работи што е многу природно – вели тој.
Тој не очекува дека новата грчка влада на Мицотакис ќе ги блокира пристапните преговори на земјава со ЕУ.
-Завчера имаше изјава од портпаролот на владата тука, изјава што беше коректна и позитивна во однос на почетокот на пристапните преговори и одлуката што ја очекуваме од ЕУ во октомври. Мислам дека ако го направиме тоа што досега го зборувавме, не само што нема да треба да се плашиме од блокади, туку можеби ќе имаме право да очекуваме и помош и поддршка, бидејќи нема ништо поприродно од поддршката на соседот. Тие се во ЕУ ние не сме, сакаме да го почнеме тоа важно патување – вели Димитров.
Според него, договорот е мост кон пријателство и стратешко партнерство.
-Мислам дека како ќе се зголемува довербата и блискоста и со новите одлучувачи во Атина, така и кај нив ќе станува јасно тоа што е добро за нас е добро и за Атина. Како што нас сега ни е јасно дека една политички стабилна и економски успешна Грција, е добро за нас како сосед и мислам дека тука ќе треба да вложуваме и да се гледаме често – порача шефот на македонската дипломатија.