Напуштени црвени линии и дипломатски дебакл, обвинува поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров по објавувањето на францускиот предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор и отворање на преговорите со ЕУ, а објави Дојче Веле.
-Не знам што е пострашно, да им верувам на нашиве дека го немаат предлогот или да не им верувам. Ако не се во тек со предлог што се однесува на македонските маки со Бугарија, тогаш тоа е признание дека не си ја работеле работата за најважното прашање за нацијата. Ако пак го имаат, а велат го немаат, си играат со довербата на јавноста“, вели Димитров за ДВ.
Предлогот на француското претседателство, смета ексминистерот, не носи подалеку, а не поблиску до членство во ЕУ.
-Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нѐ вратат назад, вели Димитров.