Димитров: Две години по ред не сум поканет на Преспа форум, повикот за единство се празни зборови

by Fokus

Владата и МНР како организатор на Преспа форум за дијалог втора година по ред не сакаат да го поканат да учествува, изјави Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции во емисијата „Само Вистина“ .

Преспа Форумот за дијалог годинава се одржува во Струга и во тек е неговото официјално отворање.

„Две години по ред не сум поканет на Преспа форум. Ќе се видиме на Преспа форумот, ќе ми речат странците, а јас во наводници им кажувам дека нема да дојдам. Ова што е повик за единство се празни зборови и полутажна ситуација“, рече Димитров, кој е потписник на Преспанскиот договор.

За уставните измени и преговорите помеѓу политичките партии, тој вели дека Софија ако сака да биде искрен пријател треба да седне повторно на маса и да направи отстапки.

„ Ние имаме поприлично едностран договор пренаклонет кон една членка, кон бугарските позиции, кој е неспроведлив. Бугарија треба да размисли ако сака да ги заштити тие работи треба да направи нешто и за македонската страна. Пакетот е толку искривен и ние сме толку навредени заради негацијата, што многу граѓани во Софија гледаат непријател. Ако им е гајле за нашите односи, Софија треба да се вложи. Оваа дебата кој да влезе кој да излезе од влада е само едно замачкување“, изјави Димитров.

Димитров ги повтори своите критики дека 80-90 отсто за  влез на Македонија во ЕУ зависи од нас самите.

„Бродот оди надолу, има неуспеси во реформите, образованието, здравството, а спасот се гледа во еден кош – проширувањето на ЕУ. Но, драстична е разликата од тоа што се зборува таму и тоа што се зборува дома“, вели Димитров.

Тој додаде дека под претпоставка уште утре Брисел да не прифати како земја-членка, младите со ЕУ-пасош ќе се разбегаат, затоа што ништо не е средено и тоа е потврда дека нас повеќе ни е потребен процесот, отколку самото членство.

 

Поврзани новости