Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ќе има средба со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, кој од вчера е во посета на Македонија.
Германскиот дипломат вчера се сретна со премиерот Зоран Заев, на која, според владината служба за информирање, била изразена силна поддршка од Германија за чекорите на премиерот и на новата Влада на Македонија, во првиот месец од формирањето. Оценето е дека се направени видливи позитивни придвижувања што најавуваат резултати во евроинтеграциските процеси.
Спроти посетата на државниот секретар Рот, од германското МНР соопштија, дека тој изразил надеж од посветеноста на рефромите на новата Влада во земјата, чие формирање, наведуваат, беше долго и тешко.
– Беше крајно време да бидат надминати блокадите во поранешната југословенска Република Македонија. Одговорните политичарите ја однесоа земјата во многу тешка ситуација. Затоа сум задоволен од првичните надежни сигнали од новата влада. Премиерот Заев кажа јасно дека сака темелно да се занимава со интеграцијата во ЕУ и дека е искрено заинтересиран за регионално помирување – се наведува во информацијата од германското МНР пред посетата.