По позитивниот извештај од ЕК време е Европа да испорача конкретна и одржлива одлука за почеток на пристапни преговори. Но, после искуството во изминативе две години, за жал, уште не можеме да си дозволиме да се израдуваме. Мислам дека треба да ја видиме прво конкретната одлука, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
– Извештајот е повеќе од добар. Одличен е. Бидејќи вели дека и покрај разочарувањето од октомври Северна Македонија ги зголемила, интензивирала напорите во реформите и испорачала опипливи и одржливи резултати. Сега имаме еден контекст каде состојките за успех се очигледни. Имаме мини извештај дека е време да почнеме пристапни преговори и се надевам дека Европа тоа ќе го искористи и таа да испорача. Ако ЕУ во ваков контекст не испорача, практично најголема жртва ќе биде политиката на проширувањето, односно ЕУ ќе даде сигнал дека вратата е затворена во еден регион кој е опкружен со земји членки и мислам дека таква работа нема да си дозволат, вели Димитров.
Ако имаше една позитивна работа од овие јалови обиди во изминативе две години, посочува Димитров, тоа е е што повеќе проблемите беа од страна на ЕУ, отколку од наша страна.
– Конечно политиката на проширување стана предмет на внимание и дискусија на највисоко ниво и мислам дека новата методологија обезбедува едно оживување, враќање на маса на таа политика. Мислам дека тоа е плус, вели шефот на дипломатијата.
За ставот на Франција која имаше забелешки дека процесот на проширување е премногу технички и развлечен, Димитров потсетува на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон на Минхенската безбедносна конференција, дека е задоволен од новата методологија како прв чекор, и ако извештаите на ЕК за Северна Македонија и Албанија се позитивни, тоа ќе биде втор чекор што ќе овозможи Париз сериозно да го разгледа прашањето за почетокот на преговорите.
Според Димитров, работите одат кон заеднички успех и позитивно е што европската иднина на регионот е неспорна и за Франција.