Граѓаните сакаат да ги видат политичарите заедно на маса, сите лидери на парламентарните партии и заеднички да испратиме порака во која ќе наведеме дека Македонија останува стабилна држава и дека сме посветени на мирот и на соживотот. Ова вечерва во гостување на ТВ Сител го рече новоизбраниот генерален секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Александар Димитријевиќ, откако денеска партијата повика да се одржи лидерска средба поради стабилноста на државата.
„Гледаме што се случува низ улиците и низ целата држава. Лидерската средба треба да испрати неколку пораки за мир и стабилност, односно дека државата е стабилна. Ја видов реакцијата на премиерот Мицкоски дека размислува, се надевам дека ќе размисли убаво и дека ќе има лидерска средба, бидејќи на државата во моментов и треба една лидерска средба со јасни пораки кон граѓаните да бидат смирени во делот на настаните што се случуваа“, рече Димитријевиќ.
Во однос на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во кои велеше дека може да се случат обиди за дестабилизација на државата, генералниот секретар на опозициската партија вели дека не треба да се влегува во приказната за дестабилизација, но дека неговата партија изминатиот период континуирано алармираше за нестабилност и насилство на улиците.