Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, во врска со неговото членство во СДСМ вели дека не може да биде дел од нешто што не го одобрува.
-За мене е ирелевантно, воопшто мислам дека не треба јавноста да се занимава со тоа бидејќи мојот пат е јасен, немам намера да се враќам назад – рече тој во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.
Тој информираше дека во тек е формирањето на граѓанското движење и верува дека на следните избори ќе ја добие поддршката од граѓаните.
-Во тек е формирањето на граѓанското движење, очекуваме во септември, октомври тоа да се случи во Скопје и ќе ги повикаме сите граѓани. Тоа ќе биде граѓанска иницијатива/движење коешто досега не било вообичаено, ќе биде од граѓаните за граѓаните и верувам дека на следните избори ќе ја добиеме поддршката од граѓаните бидејќи ќе излеземе со реално остварливи политики и ќе ставиме крај на корупцијата и рашомонијата во државата – рече Димитриевски.
Тој истакна дека во граѓанското движење ќе има многу поддржувачи и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, но најголем дел ќе бидат неопределени граѓани што не се занимавале со политика и имале резултат во своето работење.
Во однос на прашањето дали се чувствува како “огнените“ од ДУИ во својата партија, тој посочи дека неговата ситуација воопшто не е ни приближно слична затоа што во ДУИ се борат за превласт, а неговите разлики се идеолошки спротивни со актуелното раководство на СДСМ.
-Јас се гледам како Максим, како градоначалник во моментот. Тоа што ќе се случува по изборите ќе биде резултат на изборниот резултат којшто чувствувам дека ќе биде позитивен. Воопшто не е важно кој ќе менаџира, многу е поважно кој ќе ги составува и креира политиките во делот на извршните тела – додаде Димитриевски.
Димитриевски изјави дека граѓанската иницијатива се води по крушевските и асномските вредности и идеологија.