Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој вториот мандат го доби како независен кандидат откако се разиде со тогашното раководство на СДСМ, во изјава за Фокус вели дека се уште се смета за член на СДСМ, па, како што истакнува, не може да се врати таму од кадешто не излегол.
-Мојот статус во СДСМ се уште не е решен, бидејќи, според Статутот на партијата, формално-правно јас се уште сум член на СДСМ. Потребно беше Централниот одбор да расправа за тоа, а не поеднци од раководството да донесат лична одлука и на тој начин да елиминираат неистомисленици, а воедно партијата да ја приватизираат. Партијата им припаѓа на сите, а не само на раководството и лојалистите. Но, ова само говори за демократскиот капацитет на раководството – вели Димитриевски.
Воедно, тој потврдува дека имал разговори со сегашниот партиски лидер и премиер Димитар Ковачевски, но воедно тврди дека тие разговори се однесувале за проекти за Куманово и притоа немало конкретни предлози за решавање на ситуацијата и никогаш не побарал било каква функција во СДСМ, вклучително и потпретседателска.
– Во минатото, токму таквите дворски игри, кој на која позиција да биде, исклучиво од лукративно-клиентелистички побуди кои резултираат со високо ниво на корупција и се изедначуваат со оние од времето на Никола Груевски, ме натераа да го формирам граѓанското движење „За Наше Куманово“, кое на локалните избори во Куманово извојува убедлива победа. Граѓаните ја препознаа визијата и проектите кои ги понудивме, се солидаризираа и ни дадоа поддршка – посочува Димитриевски.
Тој истакнува дека неговите разлики со поранешното раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев биле за сусшински теми, како селективна правда, висок степен на корупција, ниско ниво на толеранција, и најважно, како што нагласува, имплентацијата на договорот со Бугарија, со кој, според него, беа доведени во прашање самобитноста на македонскиот народ, историја и јазик.
За такви прашања мојот став беше јасен дека за тоа не се разговара (преговара) т.е. нема компромис. По изборот на новото раководство, сметав дека треба да се даде шанса одреден период за рекомпонирање на политиките. За жал, досега не можам да забележам некои суштински разлики. Р.Македонија по секој основ тоне и е на работ на стечај. Впрочем, најголем број на министри кои потфрлија во минатото се членови и на новата Влада. Тоа е формула за неуспех! – смета Димитриевски.
Тој додава дека моментално е посветен на реализација на програмата што ја ветил на локалните избори, со цел, како што вели, создавање на повеќе работни места и Куманово да прерасне во модерен европски град. Сепак, Димитриевски не исклучува понатамошен политички ангажман, кој, како што објаснува, ќе зависи од направените анализи и анкети.
Влатко Стојановски