Претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во Топ тема рече дека политичката сцена во Македонија повеќе не е обоена во две бои. Според него, промените се случуваат и никогаш повеќе нема да биде исто.
-Јас во оваа влада гледам енергија и гледам желба дека сака да се работи. Во претходната влада беше изгубена и енергијата, а да не зборувам за сите афери. Но, нема да зборувам за нив. Излеговме на избори, изгубија катастрофално. Сега доаѓа моментот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со Вреди и на ЗНАМ. ВМРО-ДПМНЕ претходно направи договор со Вреди, дополнително, значи не потпишавме договор, усогласивме владина програма за поддршка и со нас – рече тој.
Тој нагласи дека целите може да се остварат, ако се работи организирано.
-Што е потребно? Потребно е луѓето коишто денеска седеа на седница на влада да сакаат да работат, да создадат професионални тимови, да департизираат максимално во министерствата, да го искористат тоа професионално знаење, да ја насочат енергијата, да добијат соодветна финансиска поддршка и да реализираат проекти сите во делот на своите ресори и надлежности – истакна Димитриевски.
Тој нагласи дека ЗНАМ ќе биде гаранатот дека никогаш повеќе нема да може некој да го уценува со непристојни предлози партнерот во владата, а коишто ќе одат на штета на македонските национални и државни интереси.
-ЗНАМ ќе гарантира дека ова мнозинство нема да опстои доколку се случи повторно феноменот на мултикорупција, мултикриминал, неказнивост и селективна правда. ЗНАМ ќе гарантира дека нема да добијат можност да се реализираат најцрните сценарија, туку се што ќе се случува, ќе се случува објективно, транспарентно, отчетно и одговорно пред самата јавност, македонска и никогаш повеќе нема да има договори во четири очи каде што со закон ќе се даде можност на одредени компании да бидат избрани на тендер и да станат кабадахии во нашата држава. Како што е коридорот 8 – рече Димитриевски.