Димитриевски: Во деталните урбанистички планови ќе вцртаме повеќе паркинзи во Куманово

by Fokus

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски најави дека ќе бидат коригирани повеќето детални урбанистички планови во Куманово, за  во нив да се вцрта она што е од јавен интерес.

„Куманово ќе мора да обезбеди поголем број на паркиралишта, првично на хартија да ги предвиди и испланира, а потоа со тек на време и да ги изреализира. Градот не го гледам како Куманово 2023, туку како Куманово 2033, да оставиме подлога на тие што ќе дојдат зад нас за да можат да создаваат еден модерен и урбан град и да ги коригираме сопствените навики“, изјави Димитриевски, во гостувањето во емисијата „Во живо програма на градовите“ на МТВ.

Тој рече дека планираат реализација на голем број инфраструктурни проекти и годинава, коишто не се отпочнати, а веќе се тендерирани или се во фаза на потпишување на договори.

„Првично, ќе тргнам со санација на спортскиот комплекс Соколана, имаме завршено постапка за изградба на комплетно партерно уредување, изградба на второто игралиште во дворот на Соколанска спортска сала која е една од најстарите спортски сали во градот, и ќе влеземе во самата сала каде ќе ја смениме кровната покривка и ќе ја засилиме статиката, бидејќи тоа беше објект заборавен и оставен на времето со нерешени имотно правни односи, го земавме како сопственост на општината и од година во година во уредуваме“, рече Димитриевски.

Димитриевски најави дека ќе се работи на целосна реконструкција и трансформација на актуелниот стар градски парк покрај реката Липковка, кој се наоѓа веднаш до стариот градски стадион да се реконструира во современ, модерен, смарт парк со фитнес корнери и дополнителен паркинг простор.

„Дел од овие содржини се веќе изградени, а дел во следниот период ќе бидат изградени со модерни трим патеки, партан подлоги за трчање, рекреирање, со модерни патеки со акрилна подлога за бициклисти, еден спортски комплекс во рамки на самиот тој градски парк и уште голем број на други проекти. Но, не можам, а да не го споменам и секако еден од најважните проекти оваа година, а тоа е целосна реконструкција на малиот градски плоштад во градот којшто се наоѓа пред платото на Домот на културата во градот и ќе биде трансформиран во еден модерен центар така како што го личи Куманово“, изјави Димитриевски.

Тој рече дека вчера се отворил новиот трговски центар „Ла Плаза“ во градот, којшто е комплетно приватна инвестиција, а претходно биле реконструирани и проширени сите пристапни улици на главниот градски булевар „Трета македонска ударна бригада“, на локација кај градскиот пазар.

 

Поврзани новости