Димитриевски: Вергината со брусалица не може да се избрише од нашата историја

by Фокус

Овој голем меѓународен ден на работникот и работничката класа, која од 45-та до 80-та под лидерство на Тито за помалку од 35 години со лопата и крампа создаде се, од тогаш наваму со багер се руши тоа што беше градено и се уште не може да се сруши и во континуитет се распродава, напиша на фејсбук кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски по повод 1 Мај-Денот на трудот.

„Се можеме да срушиме и повторно да изградиме но по историјата и идентитетот не смееме да си чепкаме, тоа е наше и на сите кои живееле, живеат и ќе живееме заедно. Вергината била и ќе биде дел од таа историја и истата со брусалица не се брише. Таа или ја имаш заедно со останатите чувства во себе или пак никогаш не била во тебе“, напиша Димитриевски.

Воедно, тој пишува дека во овој период владее голема поделба меѓу граѓаните.

„Ех, дојде време невреме, политика, поделба, грабеж, надмудрувања, интриги, ѓаволот влезе помеѓу нас. Денеска братучедот мој Иван е активист на ВМРО-ДПМНЕ, а јас висок функционер на СДСМ. Но, колку и да сме идеолошки различни, кога излегов пред некој ден од дома со болничка кола, очите му беа полни со солзи. Крвта е крв, боли за своето секогаш, а сепак малку сме“, вели тој.

Димитриевски не се согласува до тврдењата дека Гоце Делчев бил Бугарин.

„Тој бил Бугарин толку колку што моето кумче кое студира во Бугарија е Бугарин кога ги полага испитите на факултетот, а професорот ќе го праша како се чувствува. Знам дека е горд Македонец докажан по ген, внук на првоборец. Сепак, мудриот премолчува, кумството ми е шест генерации и ќе продолжи ќе даде Бог. Последно време бугарскиот пасош за нас стана прозорец кон Европа го земаа многумина. Разбирливо, животот оди, мора да се работи, создава и заработува за живот. Каде? Нормално во Европа, таму каде што сакаме сите, со модерниот и богатиот свет“, пишува Димитриевски.

Поврзани новости