Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека земјава минува низ лоши процеси, а суштинските промени не се случуваат сами од себеси, туку мора да бидат поттикнати. Тој вели дека Македонија заслужува да има претседател со став и карактер и со крената глава, а не, како што вели, со свиткан рбет да влеземе во ЕУ.
Тој во интервју за МИА нагласува дека е лесно да се седи настрана и оти тој сака да придонесе за промени во општеството, бидејќи, како што вели, во моментов тоа е креирано наменски да им служи на политичките елити, кои владеат 30 години.
– Сепак, претседател на државата е татко на нацијата и тој може со своето делување да ја врати тежината на граѓаните, бидејќи во моментов ние живееме во едно општество кое што е креирано наменски да им служи на политичките елити кои 30 години веќе го владеат – вели Димитриевски на прашањето што беше пресудно да се реши да станете кандидат за шеф на државата.
Тој вели дека мора да се воведат нови стандарди во имплементацијата на власта, враќање на довербата на граѓаните, а токму претседателот на државата кој доаѓа од нов политички субјект може да ја врати таа независност на граѓаните во делот на претставување на граѓаните.
– Затоа, сметам дека јас сум вистинскиот граѓански кандидат и ќе го дадам својот максимум за да ги убедам граѓанитe дека со мојот избор всушност ќе ја направат и вистинската одлука за државата која може да го обедини македонскиот народ, а не да го дели по секој основ, првенствено по политички – вели Димитриевски.
Според него, црвени линии од кои нема отстапување кога е во прашање стратешкиот приоритет – членството во ЕУ се зачувување на достоинството на народот и консолидација преку градење национално единство и консензус за виталните национални интереси.
– Ние како Македонци и како Македонија треба да влеземе во Европската унија со крената глава а не со свиткан рбет. Тоа значи дека ние сакаме да бидеме членови на Европската унија поради вредностите на ЕУ, а тоа се заштита на интересите на малите во однос на големите. Недозволиво е држави членки на Европската унија преку нашиот процес за евроинтеграции да ги решаваат нивните билатерални самонаметнати проблеми до нас, бидејќи имаме адресирано такви проблеми – рече Димитриевски.