Димитриевски: Транспарентност, отчетност и одговорност ќе бидат нашите начела на делување

by Fokus

„Транспарентност, отчетност и одговорност ќе бидат трите начела по кои што ќе се работи во рамките на новиот политички субјект. Ние ова го имплементираме веќе во Куманово и се разликуваме од останатите кои само зборуваат, а ние го правиме на дело. Најважно е државата првенствено да се стабилизира, еднаш засекогаш да излезе еден човек којшто ќе каже јасно и гласно `Државата должи толку, имаме толку обврски, имаме толку судски спорови, фондот за пензиско и здравствено осигурување е во таква состојба, за пензионерите имаме толку пари за да обезбедиме пензии`. Каде завршуваат парите? Тоа го потврдува извештајот на ЕК, екстремно ниво на криминал и корупција и тоа мора да се спречи бидејќи ќе пукнеме”, вели градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новата политичка партија ЗНАМ, Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата Вин Вин на телевизија Телма.

Новоформираниот политички субјект којшто го предводи Максим Димитриевски, вели ќе работи на креирање нови политики за граѓаните и државата, потенцирајќи дека како што успеал успешно да ги имплементира програмските активности во Куманово, истото да го направи и на централно ниво и тоа како што додава, да се одважи група на луѓе која ќе ги донесе тие промени.

„Мора да се одважи една група на луѓе која ќе си го посвети личниот ангажман во следните четири плус четири, вкупно осум години каде што ќе ја стабилизира состојбата, но во меѓувреме ќе изнајде начин и како да создава нови добра за државата да го крене БДП-то и да создаде одржлив развој. Ние денеска ги заборавивме основните вредности на Македонија, Илинден и АСНОМ поради кои гинеа нашите предци и го создаваа ова парче територија во една организирана, независна држава. Ги заборавивме и тие што на времето ја создаваа оваа држава, пензионерите. Денеска пензионерите се на работ на егзистенција” – потенцира тој.

Димитриевски најави дека новиот политички субјект ќе одржи нов конгрес откако и официјално ќе бидат завршени сите постапки за регистрација на партијата, каде ќе се дефинира идеологијата, ќе се изберат нови тела и органи на партијата.

„Во моментов имаме само времено раководство избрано на последното собрание каде присуствуваа повеќе од половина од потписниците. Имаме трочлен извршен и надзорен одбор којшто ќе има работа да ја заврши регистрацијата на политичкиот субјект. И покрај опструкциите кои што ги има и ќе ги има претпоставувам, ние ќе го завршиме тој процес за веќе на следниот конгрес членството и делегатската структура ќе ја дефинира идеолошката позиција на тој политички субјект. Јас лично за мене можам да кажам дека моите определби секогаш биле и ќе бидат социјалдемократски, водени пред се од социјалните и економските политики” – вели Димитриевски.

 

Поврзани новости