Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски во интервју за српскиот медиум „Политика“ потенцира дека кумановската битка одиграла голема улога во ослободувањето на Балканот од долговековното турско владеење и можеби е клучен чекор во протерувањето на османлиското царство од европскиот континент. Во рамки на српската војска, свој придонес за победата во оваа битка дале и околу 6,000 Македонци.
„Во Куманово живеат граѓани од поголем број етнички заедници, а силно застапена е и српската. Како градоначалник на општината доследно се трудам да ги почитувам сите битни датуми, историски и верски настани и традиционални вредности на српскиот народ но и вредностите на сите останати етнички заедници“, истакнува Димитриевски.
Димитриевски вели дека Србија и Македонија имаат традиционални добри односи, двата народи се премногу блиски, меѓусебно се помагаат, почитуваат и соработуваат.
„Секако, за ваквиот однос допринеле и голем дел на роднински врски меѓу двата народа, но и историскиот факт дека скоро 5 децении бевме дел од заедничка држава дел на антифашистичката коалиција. Конечно добрите врски и односи не се резултат само на политиката, туку првенствено се резултат на взаемното почитување, љубов и изградените емоции помеѓу нашите народи“, потенцира Димитриевски.
Во интервјуто, Димитриевски посочува дека во последните години, Македонија е под атак и провокација од Бугарија, која во континуитет се обидува да го негира постоењето на македонскиот јазик, историја, идентитет и култура.
„За време на Втората светска војна, Македонија беше во антифашистичкиот сојуз, предводен од партизанските единици на чело со Јосип Броз Тито, давајќи свој допринос и жртви за победата над фашизмот. Мојот град во таа борба даде над осумстотини и пеесет жртви додека тогашната власт во Бугарија беше дел од коалицијата со нацистичка Германија и беше окупатор во Македонија. За жал, денес, со отварањето на таканаречените бугарски клубови во Македонија кои ги носат имињата на партнерите и соработниците на Хитлер, навистина на мала врата се промовира и се реинкарнира фашизмот.