Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ, реагира актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски по одлуката на партијата да биде исклучен откако објави дека ќе се кандидира за независен кандидат за градоначалник на Куманово, а потоа СДСМ предложи друг кандидат од партијата.
Според него, таквата одлука не е легитимна и не е согласно статутот на СДСМ.
– Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржале. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат, пишува во реакцијата на Димитриевски.
Димитриевски вели дека тој по убедување е социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. -И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановци ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб, порачува Димитриевски.