Претставниците на 10 граѓански здруженија заедно со кумановскиот градоначалник на Куманово и поранешен висок функционер во СДСМ, Максим Димитриевски ја потпишаа иницијативата за формирање на нов политички субјект, “Движење ЗНАМ – За наша Македонија”.
-Нашата основна цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што постојано го газат. Идеолошките темели на нашето движење се Илинденските и Асномските принципи и референдумските одлуки на граѓаните на Република Македонија за нејзино осамостојување како независна и суверена држава. Но притоа, на тој пат ќе мора и да учиме. Особено ние Македонците да учиме од нашите сограѓани Албанци, да постигнеме национален консензус на македонските граѓани во оваа држава, бидејќи ако не го направиме тоа, ќе не нема. Нашата цел е да ги обединиме граѓаните. И не прашуваат како ќе го направиме тоа. Ќе го направиме како што успеавме во Куманово, порача градоначалникот Димитриевски, идеен творец на движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Според Димитриевски, граѓаните се обезволени, фрустрирани, разочарани и мора да им се врати надежта дека има светла иднина. А за тоа да се случи порачува дека ќе работат да изградат држава во која право и правда ќе има за сите, држава во која секој подеднакво ќе одговара пред законот, држава која ќе се грижи за правата на сите граѓани подеднакво, почнувајќи од најмладите, па се до пензионерите, за стопанството, за природните ресурси на државата, за животната средина.
-Од позиција на власт, првиот чекор кој ќе го направиме е да го поништиме фамозен кривичен законик со европско знаменце кој го донесоа овие на власт. Ќе се залагаме за целосна департизација на судската власт, на обвинителството и полицијата. Државните институции ќе ги водат професионалци и тоа ќе го направиме Ние. Ќе се заложиме за заштита на природните ресурси и национални добра, заштита на човековата околина и самоодржливост на Македонија. Стопанството се одржува по потреба. Си го уништуваме сопственото стопанство, таму кај што ни работеа родителите, работиме ние и треба да работат нашите деца. Македонија ќе ја направиме да биде самоодржлива држава. Последните 20 години поминавме низ три реформи во образовниот процес. Факт е дека се работи на квантитет, а не на квалитет. Факт е дека создаваме необразовани генерации и тоа мора да се искорени. Студентите се нашата иднина. Ќе им ги дадеме сите можности да студираат бесплатно, а не да плаќаат. Да имаат можност да студираат во странство на сите врвни универзитети, рече Димитриевски.
Пред потпишување на иницијативата онлајн се обрати писателот Венко Андоновски, кој порача дека стои зад партијата, а исто така и перофесорката од Катерина Тодороска, која порача Македонија да се врати на колосекот на нормална држава.