Треба да се промени политичката гарнитура којашто е на власт и да дојдат нови луѓе кои ќе делуваат одговорно и ќе постапуваат согласно законот. Законот мора да биде над сите и сите да бидеме исти пред законот а факт е дека челниците на ДУИ и СДСМ сега се над законот.
Во континуитет следиме дека меѓународната јавност преку своите претставници, дипломатите овде во континуитет потенцираат дека Македонија е “Мека и Медина“ на корупцијата и организираниот криминал. Власта тоа го потврдува иако во минатото го негираше. Мора сериозни да бидеме кон ваквите извештаи кои доаѓаат од надвор бидејќи не само пречката која доаѓа од Бугарија туку и истите овие извештаи можат да бидат пречка за понатамошниот интегративен процес.
Затоа велам дека оваа власт мора да понесе одговорност на следните парламентарни избори кога и да се и народот да одлучи. Никогаш не било полошо во државата“, вели градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новоформираната политичка партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во вечерашната дебатна емисија “Само вистина“ на Канал 5 телевизија, со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети.
Димитриевски искажа јасен став дека актуелната власт не прави ништо да ја промени лошата состојба во земјата и покрај негативните извештаи што ги добива од Европската унија, коментирајќи го последниот извештај на ЕК за којшто вели дека е дел од општата реалност во Македонија.
Ако вие имате гласање во парламентот на закон и измена на КЗ со европско знаменце кој што има за цел да ги самоамнестира постоечките политички елити и дополнително да остави простор за амнестија на оние кои што до вчера беа на власт, исто така да им остави простор на оние кои што ќе дојдат да се самоамнестираат и да одговараат по шест месеци затвор по членот 353 за злоупотреба на службена должност и овластување со проневера со државни пари, тоа се лоши примери.
Ако има многу меѓународни претставници коишто укажуваат во континуитет дека работите во Македонија лошо врват, вие гласате закон во Собрание со европско знаменце каде подоцна евроамбасадорот ви вели дека тоа не е европски закон“, додава Димитриевски, осврнувајќи се на Коридорот 8 како пример за нетранспарентност и криминал, давајќи му целосна одлучувачка моќ на вицепремиерот Груби да договара и склучува договори без претходна техничка документација и проект.