Во централниот Дневник на телевизија Сител, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски истакна дека предлогот за изградба на спомен обележје за бранителите од конфликтот во 2001 година и припадниците на МВР од немилите настани во Диво Насеље во 2015 година во Куманово е иницијатива која доаѓа од Синдикатот на полицијата на Македонија и Здружението на пензионирани воени старешини и полициски ветерани.
Димитриевски посочи дека вакво спомен обележје требало многу одамна да се направи, кое ќе потсетува на минатото, ќе може да се учи од него, затоа што тоа е наша обврска, кон нашите паднати бранители, но и дополнително кон нивните семејства.
„За да градите споменик согласно Законот за спомен обележја првенствено треба да се донесе споменик или Меморијален центар или Меморијален споменик како што е ова здание во Слупчане, треба да се донесе програма од страна на Парламентот и одлука на Парламентот, таквите одлуки не се носат на локално ниво, додека спомен обележјата се градат од локалната самоуправа врз база на претходно донесена одлука на Совет по претходна потврдена програма и одлука за градба. И токму овие иницијативи кои дојдоа до мене, јас имам намера да ги проследам на советот, а мнозинството во Советот нека одлучи согласно законот како што е предвидено. Но, сум изненаден како тоа одеднаш истата таа политичка структура до вчера беше максимално толерантна и може да гласа за градба на споменик за УЧК, но во ниту еден случај не сака да гласа за градба на споменик на бранители помеѓу кои всушност бранители има и паднати бранители од албанската етничка заедница“, рече Димитриевски.
Во централниот дневник, Димитриевски му упати порака на Али Ахмети дека сè додека постои последниот Македонец во оваа држава и граѓани коишто ја сакаат во целост државата без разлика на својата етничка, верска или било која друга припадност, Македонија ќе постои како што постоела отсекогаш.