Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој денеска ги доби резултатите дека е позитивен на корона вирусот во изјава за „Фокус“ тврди дека воопшто не очекувал дека е носител на опасниот вирус.
„Кај нас епидемиолозите прават проценки кога да се направи тестирање за Ковид 19. Досега еднаш ни правеа и резултатите беа негативни. Секогаш носиме маски и се што ни е потребно да се заштитиме. Верувајте, ни најмалку не очекував позитивен резултат. Сега сум дома во посебна просторија, изолиран од другите. Немам никакви симптоми, освен што секогаш имам проблеми со симусите, па традиционално и сега – истакна Димитриевски.
Тој додава дека вчера пред премиерот Оливер Спасовски и министрите Венко Филипче, Арбр Адеми и Бујар Османи воопшто не споманал дека бил тестиран со оглед на тоа што, според него е редовна процедура.
„Јас не информирав никој, затоа што како што кажав не мислев дека ќе бидам позитивен. Не знам дали некој од епидемиолозите ги информирал – додаде Димитриевски.
Техничкиот премиер и тројцата министри од денеска завршија во самоизолација, па своите редовни работни активности ќе ги извршуваат од своите домови.
Во моментот бројките во Куманово се алармантни, односно досега се регистрирани 306 заразени од опасниот вирус и неколку смртни случаи. Повеќе од 60 се здравствени работници во Кумановската општа болница.
Ирена Мулачка