Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски вели дека нивна активистка добива заканувачки пораки, кои ги објави на фејсбук.
-Погледнете ги пораките што се испраќаат на наша активистка, мајка за нејзиното дете! Ова е недозволиво, срамно и загрижувачки! Барам МВР веднаш да спроведе детална истрага, а ние ќе направиме сè семејството да остане анонимно за да немаат дополнителни трауми од поединци!
Првата порака е испратена на 16.10.2021, со следната содржина:
„Максо нон стоп спомнуе несреќан случај за некое дете води ред и твое така да не се спомнуе, а дете убаво си вози мотор. Последна опомена“.
По 5 минути, повторно уште една порака, која гласи:
„Док си таму поздрави се последан још мало па бивши градоначалник“.
Но, комуникацијата не завршува тука. На 26-ти октомври во 18:22 часот, повторно уште една порака:
„Убав дн днска на дете ти роденден, другара ти Максу покани ли га мож ќе биде последан роденден да се подружите“.
4 минути подоцна, уште една порака:
„Многу убаво те опоменасмо да се повлечеш ама ти не. што и да се деси сама си крива“, објави Димитриевски.
Тој додава дека според нивни неофицијални информации станува збор за лице кое е поранешен осуденик и кое издржувало казна затвор, а во моментов е во штабот на СДСМ.
-Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи. Досега имаме пријавено многу случаи во МВР, но оваа институција не реагира.
Со кое право вршите закани врз родител жена, мајка на нечие дете испракајќи и порака дека може на нејзиното дете да му биде последен роденден! Вака ли сакате да водите кампања за локални избори! Застрашувачки е тоа што се случува од месец септември досега во Куманово. Срамота!
Ги повикувам сите кои се соочуваат со закани и притисоци поради сопствено убедување веднаш да ги пријават!, напиша градоначалникот.