Претседателот на новата политичка партија ЗНАМ, актуелен градоначалник на ппштина Куманово, Максим Димитриевски на брифинг со новинарите рече:
„Нашиот политички субјект ќе биде позициониран во Центарот, а во делот на социјалните политики ќе се движиме кон Лево, бидејќи сметаме дека најголем дел од членовите, барем до сега и оние кои што се заинтересирани да членуваат во нашиот субјект во делот на социјалните политики сметаат дека Македонија е социјална држава, во која што треба да се даде еднаква можност за сите и каде што во едно такво социјално општество оние кои што имаат повеќе ќе треба да одвојат повеќе за да може да се избалансира односот во социјалните средини, како би можело да се подигне повисоко ниво на раст и развој на најсиромашните граѓани во државата и во општеството”.
Димитриевски се осврна на петте основни политички приоритети на Движењето ЗНАМ: Македонија со висок степен на национална свест, зачувување на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура; Македонија – држава во која правдата ќе биде еднаква и достапна за сите; Македонија – самоодржлива држава, особено во делот на енергетиката и производството на храна и зачувување и рационално искористување на природните ресурси; Македонија со високо изразена слобода и еднаквост на граѓаните; Македонија со меѓуетничка толеранција и соживот, Македонија мултиетничко општество, а не биетничко општество, како што е во моментов.
Во однос на следните планови и активности, информираше дека партијата има за цел до крајот на годината да формира најмалку 10 до 15 општински ограноци, а конечната цел е да се формираат општински ограноци во сите општини на територијата на Македонија, без разлика дали се тие моноетнички, или пак се мултиетнички.
„Целта е до Kонгресот, кој што ќе се одржи некаде на крај на февруари, или прва недела на март да имаме формирано општински организации најмалку на половина од територија на државата. Овој Конгрес ќе биде и наш прв Конгрес, но ќе има и одредена форма на Конвенција, ќе бидат избрани целосно нашите органи и тела, на извршен и централен одбор, но покрај тоа ќе бидат промовирани и нашите носители на кандидатските листи за пратеници за сите 6 изборни единици и ќе биде промовиран и нашиот кандидат за Претседател на држава“, порача Димитриевски.