Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој е со планови за регистрирање нов партиски субјект откако се разиде со своите досегашни сопратијци од СДСМ, вели дека неговиот став околу уставните измени е непроменет и дека тие не треба да се направат без соодветен реципроцитет и гаранции од страна на Бугарија.
„Со прифаќањето на францускиот предлог кој сега е дел од преговарачката рамка со ЕУ, направена е непроценлива штета за Македонија. Загрозени се идентитетските и јазичните права на македонската нација. Оваа преговарачка рамка во која се содржани двата потпишани протокола, не го отвора патот на државата кон нашата стратешка цел – почеток на преговори со ЕУ, туку ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Бугарија“, вели Димитриевски во интервју за „Дојче Веле на македонски“.
Тој вели дека пред оддржување на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјавил дека таа ќе доживее дебакал, што според него и се случи.
„Дадов два конкретни предлога за надминување на актуелната состојба, а тие претседателот на опозицијата ги претставува како свои. Прво, национален консензус за одбрана од бугарските уцени. Второ, Бугарите во Уставот со одложена примена до нашиот влез во ЕУ. Убеден сум дека тоа нашите партнери ќе го прифатат. Ги поздравувам Резолуцијата на Бундестагот и искрената подршка на канцеларот Олаф Шолц“, изјави Димитриевски.
Според него неодамнешната изјава на претседателот на Бугарија дава ново светло кога тврди дека немаат нови барања, туку да се спроведе потпишаното, што е против национални и државни интереси.
„На Македонија не и` е потребен меѓународен печат за постоење на македонскиот народ и јазик и култура, ние постоиме со својата посебност, историја, идентитет. Нема основа ставот на власта ‘промени на уставот веднаш’, и ставот на опозицијата ‘промени на Уставот нема да има во овој парламентарен состав’! Тоа би значело дека тие кога би дошле на власт имаат магично решение, што е популистичка измама“, изјави Димитриевски.