Димитриевски: Мицкоски должи објаснување за интензивните контакти со Заев

by Фокус

Градоначалникот на Куманово на претстојните парламентарни и претседателски избори ќе настапи со новоформираната партија ЗНАМ за наша Македонија.

Како што информира на денешниот брифинг со новинарите, регистрацијата на партијата е готова, а следува упис во Централниот регистар.

Димитриевски сè уште е во дилема дали ќе се кандидира за премиер или ќе остане прв човек на Куманово, но нагласува дека одлуката ќе ја донесе во консултација со легитимните тела на партијата.

-Ова е голема лична дилема за мене бидејќи имам уште незавршени проекти кои сум им ги ветил пред кумановци. Ќе барам што е приоритет. Македонија е поголем приоритет од Куманово – рече тој.

Што се однесува до тоа како партијата ќе се позиционира на политичката сцена, Димитриевски рече дека таа ќе биде во центарот, а во однос на социјалната политика ќе се ориентира лево.

Според Димитриевски, во овој момент многу е важно во политичката комуникација политичарите да се вратат на терминот мултиетничко општество, а не мултиетничка држава, феномен кој не постои, со цел, како што рече, да не се доведеме во ситуација на седнеме на маса со малите етнички заедници да зборуваме за редефинирање на државата во делот на државното уредување.

Како што посочи тој, по изборите ќе седнат на маса и со другите политички чинители со цел да ги постават црвените линии на државата кои ќе бидат преточени во декларација, а дури потоа ќе се разговара за формирање и партиципирање во влада.

Димитриевски е убеден дека неговата партија ќе направи сериозен резултат на изборите, но нагласува, не сме тука за спас на СДСМ, туку за спас на Македонија.

На новинарско прашање, каков е неговиот став за Левица и дали во последно време имал некаква комуникација со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски посочи:

„Нашите стратешки приоритети остануваат НАТО и ЕУ, немаме друга алтернатива. Левица во тој поглед има поинакви ставови кои се дијаметрално спротивни на нашите. Со Ковачевски последен пат се видов во Куманово за прославата на 11 Октомври, а со Мицкоски подолго време не сум имал никаков контакт. Мислам дека тој должи објаснување за интензивните контакти со поранешниот премиер Заев. А како што знам, имало и средби помеѓу поранешен премиер од ВМРО-ДПМНЕ со актуелен претседател на СДСМ“.

Поврзани новости