Одлуката за одземање на ингеренциите на Општина Куманово во градинките е тенденциозна, оцени денеска градоначалникот Максим Димитриевски, кој на прес конференција ја повика министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да ја преиспита својата одлука и да се извини.
Ваквата прес конференција следува откако Министерството за труд и социјална политика донесе решение со кое се одземаат ингеренциите на општината поради, како што велат, ненавремено избирање на нов директор согласно закон.
„Решението е неиздржано, селективно и истото има за цел да го инволвира министерството во кадровскиот избор на директорот во оваа јавна општинска установа, рече денеска Димитриевски.
Главен проблем во оваа ситуација, според него е министерката Мила Царовска, од која побара преиспитување на одлуката.
– Главен проблем е министерката Царовска. Го повикувам главниот проблем уште еднаш да ги преиспита сите свои одлуки поврзани со оваа активност и да го укине решението, а надлежноста да ја врати на Општина Куманово, бидејќи праксата покажува дека избор на директор може да се врши непречено без разлика дали овој член на законот ќе се почитува или нема да се почитува. Праксата во одредени општини во Република Македонија покажува дека имаме исти случаи каде не е навремено отпочната постапка за избор на директор, но за жал за тие општини, како во конкретниот случај Општина Центар не се преземени никакви активности – истакна градоначалникот на Куманово.
Димитриевски освен повлекување на одлуката, од Царовска побара и извинување за граѓаните на Куманово.
– Апелирам до министерката Царевска истото да го преиспита, укине и јавно да се извини на општина Куманово и на граѓаните, бидејќи ова е се, само децентрализација не. Како градоначалник граѓаните не ги делам ниту на верска, ниту на партиска, ниту било која друга припадност, и нема да дозволам никаков притисок без разлика од која страна и да доаѓа врз мене или моите први соработници, а верувајте деновиве многу ги има. Апелирам на разбирање, најважно е институцијата да функционира непречено, посочи Димитриевски.