Многумина од нас крвареа за Заев и голем дел од нив денеска за жал се разочарани, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски во интервју за Макфакс.
„Верував во концептот „Едно општество за сите“. Верував дека немаме еднакво општество за сите, дека нема доволно правда, нема доволно мир во поранешниот систем на Груевски, всушност од моментот кога дојдовме на власт тоа едно општество за сите се трансформираше во едно општество на поединци коишто екстремно ги злоупотребуваа позициите коишто ги добија“, рече Димитриевски.
Тој истакна дека во периодот на локалните избори влегол во една непопуларна кампања, сам против сите, но тоа граѓаните го препознале и застанаа зад граѓанската иницијатива што победи во Куманово.
На прашањата дали имал понуди за повторен камбек во СДСМ и со кого е скаран, тој посочи дека раздорот е на идеолошка основа и не е скаран со никого, туку едноставно се бори за други вредности.
„Јас не сум скаран со никого, мојот раздор е на идеолошка основа. Јас едноставно се борам за други вредности, заедно со многу активисти на Социјалдемократскиот сојуз коишто всушност дојдоа на овие избори настапија рамо до рамо со мене како граѓански активисти. Имало обиди и сè уште има особено кои доаѓаат со пораки од носители на високи политички функции да се вратам во редовите на СДСМ. Мене СДСМ ми е тука, но не ми е местото помеѓу тие луѓе таму, бидејќи тие го уништија тоа мое СДСМ. Ние со генерации го создававме наназад и го доведовме на ова дереџе коешто е денеска“, рече првиот кумановец.
Димитриевски потенцираше дека на последните локални избори како тим не ветиле бесплатен автобуски превоз, а денеска Куманово е единствената општина којашто втор месец имплементира таков проект и секојдневно на 26 линии граѓаните се возат целосно бесплатно.