Димитриевски: Ќе ја трансформираме Македонија во стабилна самоодржлива држава

by Fokus

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски изјави дека граѓанското здружение коешто во месец септември треба да се трансформира во политички субјект ќе биде најважниот фактор за креирање на идната извршна власт во Македонија по парламентарните избори. Тој рече дека оваа политичка партија ќе преземе одговорност да ја извади државата од лошата состојба во која се наоѓа и на економски и на меѓународен план.

„Ние во моментов во македонскиот блок сме трето пласиран политички субјект којшто сѐ уште не е регистриран, бидејќи не може да ве стават на анкета доколку немате регистрирано политички субјект. Она според нас што е најважно е реалната анкета, а на нас ни се граѓаните“, изјави Димитриевски.

Тој рече дека поддршката ја чувствуваат секојдневно, но и очекувањата на граѓаните.

„Ја чувствуваме и надежта којашто доаѓа од нивна страна, но и очекувањата и ние тоа ќе го исполниме. Ќе излеземе со еден сериозен тим, којшто е докажан во сите сфери на општественото живеење, ќе понудиме алтернативи како брзо да ја трансформираме Македонија во стабилна самоодржлива држава која ќе биде во функција на граѓанинот, а не во функција како денеска на политичарот и ваквите поединци коишто даваат слатки изјави, а всушност во државата ни се случува сеопшта катарза“, рече Димитриевски.

Поврзани новости