Актуелниот градоначалник на Куманово и независен кандидат за втор мандат, Максим Димитриевски тврди дека имал големи разлики со поединци од СДСМ и дека премиерот и лидер на партијата, Зоран Заев му соопштил дека тој имал најголема доверба на последната партиска анкета.
-Нема да дозволам да се менува историјата ни на мојот град и државата. Имаше многу големи разлики меѓу мене и поединци од партијата (СДСМ). Ривалство со Оливер Спасовски не постои. Премногу се глуми демократија, малку се имплементира, има суштински концепциски разлики меѓу членството. Слушнав голем број на обвинувања дека сум се самоисклучил, не е точно дека јас сум исклучен од СДСМ. Нема да го дозволам ова, но ќе ги почитувам статутарните одлуки. На последната партиска анкета Заев ми соопшти дека тој и останатите кандидати имаат околу 18-19%, а ми соопшти дека јас имам 63,7% доверба. Најрелевантната анкета се граѓаните. Тие ја носат конечната одлука, рече Димитриевски во Студио 10 на ТВ24.
Тој се кандидараше за независен кандидат и беше исклучен од партијата.