Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски во друштво на премиерот, Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер, Артан Груби се обрати пред Спомен Костурница во Куманово се на централната манифестација по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Своето обраќање го започна со цитат од песна: -Нека разберат клетите фашисти Македонско име нема да загине. Така ја учевме ние оваа песна, а нашите предци на кои денеска им се поклонуваме рамо до рамо со светската антифашистичка коалиција.
Тој пред присутните порача дека овој празник, 11 Октомври, не задолжи да продолжиме по вистинскиот пат, да не се откажуваме од македонската историја, нашите националните вредности, од сопствениот идентитет и јазик, но во исто време со силен интензитет да продолжиме да се бориме за подобар живот на нашите граѓани и силен развој и напредок на државата.
-Денес, кога во Македонија како печурки никнуваат клубови, спонзорирани од други држави, кои ги носат имињата на тогашните соработници и партнери на фашизмот, ќе го цитирам првиот македонски претседател, г-динот Киро Глигоров „МАКЕДОНИЈА Е СЕ ШТО ИМАМЕ“.И да, така е. Македонија е се што имаме. Сите ние доаѓаме и заминуваме, но Македонија останува. Но, од оваа генерација на политичари зависи каква Македонија ќе имаме, со какво уредување и на каков пат ќе ја оставиме на идните поколенија. Денес сме сведоци во лулката на демократијата, во Европскиот Парламент на обиди за силна негација на постоење на македонски јазик, за поткопување на македонската историја и систематска бугаризација на македонскиот народ, кажа Димитриевски.
Инаку, Димитриевски беше член на СДСМ и висок функционер на партијата, а сега е гласен критичар на власта и основач на граѓанското здружение „За наше Куманово“.