Димитриевски до САД: Отворете го визниот режим, со што ќе ѝ покажете на Европа дека стоите зад нас

by Fokus

Нашите стратешки партнерства се најбитниот момент за оваа мала и скромна држава. Имаме еден договор потпишан со САД и јас искрено верувам дека тие се нашиот реален партнер, но мора да бидат многу поотворени и многу подиректни, порача градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

„И од овде упатувам еден апел до нив, до нашиот стратешки партнер САД: Знам дека сакате да ни помогнете, ние го очекуваме тоа, нам ни е потребна помош да се спасиме од бугарските пасоши, направете. Тоа е асимилација на македонскиот народ. Отворете го визниот режим за САД, за една мала Македонија. Со тоа ќе дадете пример за Европа дека суштински стоите зад нас и на тој начин нештата ќе се придвижат напред. Во спротивно негациите кои што доаѓаат во моментот во Софија, ќе продолжат и ќе се прошират, не само кон нас туку и кон сите држави во регионот”, порача творецот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во вчерашното обраќање по потпишување на Иницијативата за формирање на новиот политички субјект.

Димитриевски јасно порача дека тој е Европеец, и граѓаните на Македонија се Европејци, родени во Европа и нивното место е таму.

“Ние не сме Западен Балкан, ние сме Југоисточна Европа. Ние сме европејци, исто како што се тие и во Париз и во Берлин и во Прага и во сите големи европски центри. Нашето место е на тој пат, во Европа. Но, не не убедувајте со зборови, убедувајте не со конкретни дела и едноставно најдете начин да ги решите еднострано наметнатите проблеми од државите членки кои што доаѓаат кон сопствените соседи, а се членови на ЕУ. Друг начин и решение на овој проблем, не гледам. А претходно во една прилика реков: Да, Бугарите во уставот од моментот примена на амандманските измени кога Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ . Зошто? Бидејќи самиот министер за надворешни работи го потврди тоа во едно негово интервју за германски весник кај што рече дека ова не е последната работа и уцена која што се бара од Бугарија кон нас”, дополни тој.

Поврзани новости