Димитриевски до Николовски: Никој не може да ме враќа во партија од која немам излезено

by fokus

Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член, вели актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски по вчерашната изјава на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски дека ќе направат сѐ за да го вратат Димитриевски во партијата.

Димитриевски со статус на Фејбук порачува дека со нетрпение ја очекува седницата на Централниот одбор на партијата на која ќе разговараат за неговиот статус, но и како што вели, за погубните политики на дел од раководството кои ја довеле партијата во сегашната состојба.

-На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно – клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес.

 

Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека “Зборот е збор”, пишува Димитриевски.

Тој вели дели дека изминатиов период трпел многу притисоци и порачува дека нема простор ниту договор со сопартијците кои излегле од начелата на СДСМ и кои користеле груевистички методи.

-Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела, додава Димитриевски.

Николовски синоќа во телевизиско гостување рече дека СДСМ ќе се обиде да го врати Димитриевски во партијата.

-СДСМ ќе влезе во постапка во која ќе извлече поуки, ќе донесе многу одлуки. Затоа што во партијата има и луѓе кои не се партиски членови, а се ставени во позиции да носат одлуки за граѓаните. СДСМ ќе направи сѐ преку сите процеси и промени и верувам дека овој предизвик пред кој се наоѓаме ќе го решаваме сите заедно и дека обединети, со многу промени и детектирани слабости, ќе биде партија која ќе биде целосно подготвена за следните предизвици, рече Николовски.

На прашањето на новинарот „Да резимирам, ќе се обидете да го вратите Максим?“, Николовски рече „Ќе се обидеме да направиме се, да“.

Токму Николовски беше првиот кој откако Димитриевски објави дека на последните локални избори ќе се кандидира независно, рече дека Димитриевски сам се исклучил од партијата.

– Согласно статутот на СДСМ, со ваквата одлука на Димитриевски автоматски се исклучува од членството во СДСМ, беше ставот на партиското раководство на СДСМ.

Поврзани новости