Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во денешното гостување во Студио 10 на телевизија 24 потенцираше дека државниот и националниот интерес треба да бидат над партискиот и личниот интерес.
„Ќе продолжам да фунционирам и да дејствувам. Длабоко сум разочаран од некои изјави, особено од изјавите кои дојдоа од претседателот на СДСМ Зоран Заев и некои поединци коишто се обидуваат да инсинуираат во одредени моменти. Дали се работи за недоволна информираност или пак за една штабска стратегија, тоа времето ќе покаже. Оставам на нив да се
произнесат до крај, бидејќи точно знаат кој сум, каков сум и каков ќе бидам.
Одлуките не ги носам сам. Имам формирано штаб и тим на луѓе, дури еден сегмент и на политички штаб. Се прават консултации и самата предизборна коалиција којашто беше потпишана со меморандум пред вториот круг со Алијанса и Алтернатива, која дел беше испочитувана од нивна страна, еден дел не беше, но како и да е тоа опстои. Ние сме отворени за соработка со сите политички субјекти. Јас сакам да ви кажам дека концептот „За наше Куманово“ е надпартиски концепт, тоа е концепт којшто
сака да ги обедини сите, а не да ги дели, со лева ориентација. Имаме тука луѓе и кон центарот, но немаме луѓе кои се десно определени. Но, на крајот зборуваме за локални политики, имплементирање на канализации, улици, инфраструктурни проекти кадешто воопшто не е важна идеолошката определба, туку многу е поважно дали вие си го сакате градот и сакате од
позицијата којашто ја имплементирате да креирате една локална политика, реално остварлива политика или пак да се занимавате со политика којашто ќе е во прилог на политичките субјекти. За тоа во следното мнозинство на советот ќе нема простор, бидејќи нашите седници ги пренесуваме секогаш во живо за подобра информираност на граѓаните и многупати се води
беспотребна дебата за собирање на евтини политички поени. Треба да се насочиме на она што се основни работи согласно законот на советот и да се држиме до таа тематика, за да бидеме многу попродуктивни. Дали има простор за СДСМ? Секако. За сите има простор во следното мнозинство, но има простор и за ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанскиот пристап сака да ги обедини сите“, рече Димитриевски.
Димитриевски посочи дека неговата СДСМ побегнала во една друга насока поради тоа што избегала од идеологијата.
„СДСМ отсекогаш била државотворна партија која ги носела клучните одлуки за оваа држава во најтешките моменти и изнаоѓала начин како да ги преброди сите кризи. Голем број на луѓето од раководството кои денеска се во тоа мое СДСМ всушност и никогаш не припаѓале на партијата. Во моменти, дури многу биле поблиски со одредени други политички структури. Успеаа да се наметнат во таа лоша имплементирана кадровска политика.
Еве, конкретен ќе бидам Фондот во Министерство за здравство го водат луѓе кои ги водат средства кои не се блиски луѓе до СДСМ. И да го земам Филипче којшто никогаш и не бил близок до СДСМ. Мила Царовска којашто дојде од невладиниот сектор, луѓе кои беа во СДСМ, но многу од нив потоа лукративно постапуваа од позициите кои ги имплементираа во власта, тоа се министерските позиции како на Спасовски и некои други. Но, како и да е, веќе тие луѓе сметам дека треба да бидат минато во партијата, бидејќи дадоа и покажаа тоа што знаат и умеат. Граѓаните испратија јасна порака, и во првиот и во вториот круг. На овие избори не доживеаа пораз кандидатите за градоначалници само на мојата партија, туку доживеаа политиките на кои што се спроведуваа на централно ниво. Имавме огромен број на протестни гласови кои беа на друго конто насочени. За среќа, во Куманово состојбата беше поинаква. И сето тоа беше еден обид да се импутира една таква слика со цел да ми се одземе поддршката од граѓаните кои се лево ориентирани. Немало никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, доколку имало тогаш ќе немало да имаат нивен кандидат“, додаде Димитриевски.