„На Македонија и треба претседател пред се со интегритет, со став, со карактер и со принципи, со кои ги штити националните, државните интереси и пред се граѓаните, бидејќи оваа држава во своето минато ретко кога можело да забележи дека еден претседател се одважил да каже „не“ на политичкиот субјект што го предложил или на политичкото мнозинство. Претседателот треба да биде олицетворение на секој граѓанин“ рече претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – Максим Димитриевски, вечерва на тв Телма.
Тој ги повика граѓаните на 24-ти масовно да излезат на избори.
На прашањето со кого би сакал да се соочи во вториот круг, тој изрази уверување дека ќе успее да влезе во вториот круг и дека, како што нагласи, ќе го победи кој било друг противкандидат.
– ЗНАМ ќе биде еден од главните фактори на следната политичка сцена, која овие ставови што јас ќе ги застапувам апсолутно нема да ги промени во ниту еден момент – потенцира тој.
Дали е за укинување на патните трошоци за пратенциите и апанажата на функционерите, Димитриевски дефинитивно е за укинување на апанажата, е за исплата на реални патни трошоци, а не, рече, на фингирани патни трошоци.
– Што се однесува до бројот на пратениците не само што сметам дека треба да се намали бројот на пратениците во Парламентот, туку дополнително да се изедначи гласот во Македонија на секој граѓанин, бидејќи со овој модел не е така. И Македонија треба да стане една изборна единица, да се укинат одредени министерства коишто трошат многу пари особено на продуктивни трошоци на крајот на годината, а тоа прочитајте го значи исто, трансферирање или перење пари, истакна Димитриевски.
Го повтори решението што го нуди, а тоа е влез на Бугарите и на останатите етнички заедници во Уставот, но со пролонгирано дејство на амандманите од Уставот и нивно важење и внесување во Уставот од моментот кога Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ, со цел, потенцира меѓу другото Димитриевски, да се самозаштитиме од други барања и дополнително да добиеме други гаранции.
– Никој не сака отворено да каже дека македонскиот јазик и прашањето за јазикот ќе се разговара како претпоследно поглавје што мора да го затвориме како држава апликант за полноправно членство во ЕУ. Тогаш многу е битно да стои македонски јазик, со што бугарската страна согласно ваквата декларација никогаш нема да го прифати, рече Димитриевски.