Македонската фудбалска репрезентативна „единица“ – Столе Димитриевски кој летово ги смени клупските бои и од Рајо Валјекано премина во Валенсија моментно е втор голман во екипата од „Месталја“.
Првиот избор во клубот за голманската позиција, Грузицот Мамардашвили остана во клубот како позајмен играч на Ливерпул, па Димитриевски е на клупата за резерви.
Македонскиот голман во интервју за дел од шпанските медиуми вели дека не му е лесно да седи на клупата бидејќи последните 10 години беше прв голман.
„Десет години по ред сум прв голман и затоа ситуацијата во Валенсија ми е тешка за да ја прифатам. Сега се наоѓам во положба да му помогнам на тимот на поинаков начин, бидејќи има многу млади играчи во соблекувалната. Целта е сите заедно да излеземе од кризата и да ги оствариме најдобрите резултати. Во фудбалот се случуваат многу чудни работи, ми се случиле и мене во минатото. Мамардашвили остана, но јас сум во клубот во кој сакав да бидам, сега напорно работам и ја чекам мојата шанса. Се надевам дека тренерот ќе може да ми даде шанса и дека ќе стигнеме до победи и избегнување на опасната зона“ – изјави Димитриевски.