Димитриев: Во преговорите за името и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ правеа грешки

by Fokus

Поранешниот премиер и актуелен пратеник, Емил Димитриев, смета дека во преговорите за името, двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постапиле незрело.

„Ако сите бевме свесни дека периодот на решавање на спорот со Грција, кој ни беше оставен како земја, е при крај и дека поради крупни геостратешки политики нема да се толерира ова прашање да биде сè уште отворено, мораше да бидеме помудри, да ги надминеме нашите „детски“ болести на плурализмот и демократијата. Интересот на меѓународната заедница за конечно решавање на овој спор требаше да го свртиме во наша корист, а не на наша штета. Повторно дојдоа до израз нашето неединство и отсуство на државна стратегија за решавање на националните приоритети. Во преговорите се влезе премногу несериозно, да не речам незрело и во една таква ситуација правеа грешки и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тврдам дека сè ќе беше поинаку ако се креираше широка платформа која ќе ги вклучеше најголемите политички партии во преговорите, со што и изгледите за постигнување на подобра варијанта на договор ќе беа поизвесни. Улогата што ја играше СДСМ, по секоја цена да се постигне договор и по цена на националните интереси, беше јасен сигнал за другата страна во преговорите. Позицијата, пак, на ВМРО-ДПМНЕ на проблемот да гледа како на нешто туѓо, а со тоа го остави СДСМ да прави што сака, доведе до ситуација да добиеме лоша варијанта на договор. За мене особено беше проблематичен принципот „име за севкупна употреба“, нешто што има негативен импакт на нашиот идентитет. Тоа беше причината да не ги поддржам уставните измени, ризикувајќи да бидам разбран погрешно, иако претходно во мојата кариера, како заменик министер за одбрана, како пратеник и претседател на Влада, се имам вложено во напорите за наше НАТО-интегрирање. Ако процесот се менаџираше со домашна заедничка стратегија, убеден сум дека освен што ќе имавме подобар договор, неговото вградување во политичкиот систем ќе беше достоинствено, а ќе имавме и негова полесна имплементација. Тој нов договор ќе помогнеше да ја стекнеме довербата од нашиот јужен сосед и по одреден период да ги повратиме и тие позиции што ќе бидат наш влог во договорот. Овој дел бара многу поширок простор за одговор. За жал, имам чувство дека потфрливме генерално како општество“, вели Димитриев во интервју за „Независен“.

Поврзани новости