Во последниве неколку години, за 60-70 отсто од наредбите коишто биле предмет на посебна истражна мерка не е покренато обвинение, истакна во емисијата „360 Степени“ на Алсат поранешниот технички премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев. Како што вели тој, станува збор за висок процент на наредби без никаков епилог.
-Тоа покажува дека имаме еден простор којшто е прилично дискутабилен, имаме висок процент на наредби коишто немаат никаков епилог. Очекувано би било тој процент да биде нешто помал – рече Димитриев.
Тој вели дека формирањето на Оперативно-техничката агенција е еден сегмент од целокупната реформа на безбедносниот сектор, но, според него, поважно е да има ефективна контрола и надзор над целокупниот систем од издавање на наредбата за посебни истражни мерки до реализација на наредбата.
–Нашето законодавство дава одврзани раце на собраниската комисија да прави евалуација на целисходноста од посебните истражните мерки. Но, тој сегмент не е воопшто чепнат во нашава земја. Собраниските комисии немаат ниту минимален капацитет за да направат анализи за тоа колку од посебните истражни мерки, наредби, биле со некаква целисходност – истакнува Димитриев.