Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува дека политиките што ги спроведува новата Влада на крајот на оваа година да донесат подобри резултати и посилна економија.
„Испративме година во која се соочивме со многу предизвици. Во првата половина од годината нашата енергија беше насочена да ја добиеме можноста за справување со предизвиците, додека во втората половина почна и практичната работа на терен – детектирање на реалната состојба и преземање конкретни мерки за нивно надминување. Дел се зад нас, за дел се поставени основите за решавање, но секако претстои многу работа пред нас, затоа што решавме прашања на кои не се работело со децении“, вели министерката.
Таа посочува дека изминати се само шест месеци од промената на политиките што ги спроведува новата Влада.
„Инвестициите се основата на нашиот концепт за развој. Веруваме во неговата реализација и во бенефитот што ќе го донесе за сите. Тие се основата за поразвиена економија и посилни и поконкурентни компании, повеќе приходи во буџетот, подобри услуги кои се финансираат од парите на граѓаните – образование, здравство, социјални услуги, инфраструктура и слично. Тоа ќе значи подобар стандард за граѓаните и повисоки плати и повисоки пензии. Во новата година влегуваме со голема посветеност за остварување и градење општество во кое ќе обезбедиме благосостојба за сите граѓани“, наведува министерката за финансии.