Со пропаѓањето на Еуростандард банка, загрозени се 55.000 граѓани кои примаат пензии и социјална помош од банката, рече денес Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Сега државата треба да санира дупка од 70 милиони евра. Според одредени информации непокриени, односно пари кои нема да бидат обештетени, остануваат дваесетина милиони евра. Повторувам дваесетина милиони евра ќе останат необештетени. Значи имаме втор октопод, втор ТАТ, а на површина излегува и втор „министер во тренерки“ како од деведесетите години – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека со ова се нанесува огромна штета и на македонска пошта, која работи преку системот и услугите на Еуростандард банка.
-Прво, следува нов бран на отпуштања, 170 вработени од Еуростандард банка остануваат без работа, под ризик се и неколку стотина вработени во македонска пошта што работеа на платниот промет. Второ, освен Еуростандард банка сега и македонска пошта ќе се соочи со ликвидносни проблеми затоа што ќе немаат редовни приливи. Трето, под ризик за стечај се и најголемите клиенти на Еуростандард банка, чии депозити сега се замрзнати, а прашање е и дали ќе бидат наплатени. Четврто, со пропаѓањето на Еуростандард банката ќе се продава и недвижниот имот стекнат од аферата „Фиком“ – рече Кочоска.